Вечерва (14 април) на театарскиот фестивал „5ре“ во Велес ќе се одржи проекција на филмот „Мис Стон“ (1958) на режисерот Жика Митровиќ. Проекцијата е во соработка со Кинотеката на Македонија, а за првпат во Велес ќе се прикаже дигитално реставрирана копија на овој филм.
„Бидејќи фестивалот е посветен и инспириран од ликот и делото на легендарниот актер Петре Прличко, публиката ќе се потсети на неговата незаборавна улога на комитата Мандана“, велат од Кинотеката.
„Мис Стон“ е првиот македонски игран филм снимен во колор и во тоталскоп техника, со Петре Прличко, Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Марија Тоциновски, Драган Оцоколиќ, Дарко Дамески, Драги Костовски, Вукан Диневски и многу други во улогите на комити, мисионери, турски војници, револуционери, селани…
Во 1959 година, Прличко ја доби престижната Златна арена на фестивалот во Пула.
Проекцијата на „Мис Стон“ е од 20 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
П. ПЕЧКОВ