Велешанецот Златко Василковски, доктор на науки кој предава на Бостонскиот универзитет, ја промовираше неговата книга „Мултиверзум за почетници“ на неодамнешниот Саем на книга во Скопје. Делото е за космологијата и астрономијата.
Василковски е теоретски физичар, кој по дипломирањето на ПМФ во Скопје заминал за САД со сопругата Василка Шопова. Таму докторирал на универзитетот Тафтс во генерација од петмина студенти, од кои двајца, тој и сопругата, биле Македонци. Постдокторските студии ги имал на Харвард и МИТ, по што бил ангажиран на Бостонскиот универзитет. Таму веќе 27 години предава физика и математика, а во последните 12 години и вештачка интелигенција на магистерски студии.
„Мултиверзум, тоа е идеја за универзуми надвор од нашиот универзум во која нè воведе нашиот професор на Тафтс, Александар Виленкин. Тој ја создаде таа теорија во периодот 1993-96 и подоцна стана широко прифатена. Ова е прва книга за овој нов научен жанр во Македонија. Насочена е кон широка публика, со минимално знаење за вселената и универзумот. Напишана е за секој да може да ја разбере. Идеите се изнесени на едноставен начин, без комплицирана математика и неразбирливи формули“, вели Василковски, кој додава дека љубовта кон физиката му ја пренеле неговите професори, првенствено Јордан Милованов.
Тој подготвува и втора книга на македонски јазик, за квантна механика, во пресрет на 100 години од квантната теорија.
„Пишувам книга што ќе биде едноставна за читање, без многу теорија и математика. Со обичен јазик да се допре до читателот“.
Со „Мултиверзум за почетници“, што ја издаде „Арс Ламина“, Македонија го следи светскиот тренд во популарната наука.
„Во светот почнаа да се пишуваат книги за популарна наука како нов жанр. Сакав да им го овозможам тоа и на македонските читатели, и тоа за првпат на мајчин јазик и да додадам балканско гледиште и локални метафори на оваа проблематика. Така го вметнав бурекот место американска пита кога ја објаснував бесконечноста“, вели Василковски.
П. ПЕЧКОВ