ПРОМОЦИЈА НА ФОТОМОНОГРАФИЈАТА ЗА СКОПЈЕ ОД ЕРИНА БОГОЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева вечерва во 19 часот ќе биде промовирана во книжарницата „Литература.мк“. Книгата, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 80-ина фотографии, снимани во временски период од десет месеци.​

Промоцијата е дел од официјалната програма за одбележување на 74-годишнината од ослободувањето на градот. Промотор ќе биде архитектот и фотограф Александар Наумчевски. Дел од фотографиите ќе бидат изложени во книжарницата.

„Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во новиот циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти, создадени во втората половина на 20. век, меѓу кои Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом ‘Гоце Делчев’, Домот на Армијата, соборниот храм ‘Св. Климент Охридски’, католичката црква ‘Пресвето срце Исусово’ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова“, вели издавачот.