Научниците веруваат дека пронашле можен противотров за моќен токсин кој се наоѓа во најотровната печурка на светот, зелена пупавка, која е одговорна за 90% смртни случаи поврзани со труење со печурки.
Нејзиниот главен тоскин е пептид наречен алфа-аманитин, кој може да доведе до откажување на бубрези и црн дроб. Кинеските и американските истражувачи откриле дека индоцијанин зелен ги блокира отровните ефекти на алфа-аманитинот. Индоцијанин зелен е боја која е одобрена во САД за некои медицински процедури.
„Досега не постоеше посебен противотров за зелена пупавка зашто многу малку знаеме како токсините од печурките убиваат клетки“, изјави професорот Кијаопинг Ванг од Универзитетот во Гвангжу.
Тестовите со глувци и вештачки човечки клетки во лабораторија покажале дека индоцијанин зелен е способен да спречи оштетување на органи предизвикано од алфа-аманитинот и да ги зголеми шансите за преживување по труење.
„Иако резултатите се ветувачки, потребни се уште клинички експерименти за да се утврди дали индоцијанин зелен има ист ефект и врз луѓето“, додаде Ванг.
Зелена пупавка важи за исклучително опасна и отровна и често се меша со други печурки поради површински сличности. И додека токсините во некои други печурки можат да се разградат со топлина, токсините во зелената пупавка остануваат стабилни при готвење.
(Фото: Гети)