МИТСКИ ЦРН ЛЕОПАРД СНИМЕН ВО АФРИКА ЗА ПРВПАТ ОД 1909 ГОДИНА

Лондон, (Гардијан)

Излезе дека митскиот африкански црн леопард, сепак, постои.

Британски фотограф направи ретки снимки од големата црна мачка како величествено се движи во Кенија, што на никого не му успеало од 1909 година. Темноцрното крзно на животното се должи на меланизам, што е спротивно на албинизам и е екстремно ретко.

(Фото: Вил Берард-Лукас)

Вил Берард-Лукас ги направил фотографиите во резерватот Лаикипија во Кенија, откако слушнал дека леопардот е виден во таа област. Откако се сретнал со локални жители, тој поставил скриени камери со безжични сензори за движење, во надеж дека ќе го сними животното. По неколку дена без успех, камерите конечно ги направија посакуваните фотографии.

„Решив да фрлам краток поглед на последната стапица, не очекувајќи многу. Додека се движев низ фотографиите, во еден момент видов пар очи опкружен со црна темница. Црн леопард! Не можев да поверувам и ми требаа денови да сфатам дека не сонувам“, изјави Берард-Лукас.

(Фото: Вил Берард-Лукас)

Биологот Николас Пилфолд вели дека иако имаше тврдења дека црн леопард е виден во Африка, последниот фотографски доказ датира од 1909 од Етиопија.

„Отсекогаш сме слушале дека црн леопард живее во овој регион, но ова е прва потврда по повеќе од еден век. Ова е единствениот регион во Африка во којшто досега бил забележан“, вели Пилфолд.