Имиња како „Тајгер лилис“, Лиза Џерард од епското дуо „Дед кен денс“, канадскиот бенд „Операторс“ и Хрватите „Ниплпипл“ ги најави Младинскиот културен центар (МКЦ) во својата богата агенда за годинава.

Култното британско музичко-бурлескно трио „Тајгер лилис“ ќе настапи на затворањето на Млад отворен театар (МОТ), кој ќе трае од 12 до 19 септември.

„Во период кога ‘Дед кен денс’ се на турнеја низ регионов, успеавме да ја обезбедиме Лиза Џерард, заедно со бугарскиот хор ‘Мистери војсис‘. Нивниот концерт ќе се случи во октомври“, велат од МКЦ.

Оттаму најавуваат дека се во преговори и со славниот американски режисер, продуцент и музичар Џим Џармуш, за да настапи со свој бенд на фестивалот Синедејс.

Од гостите на МОТ, засега го откриваат гостувањето на словенечкиот режисер Томи Јанежич со претставата која трае 12 часа, „Без наслов, сѐ уште“, работена според „Дон Жуан“.

Од капиталните инвестиции во МКЦ, за оваа година се планирани корекција на акустиката на концертната сала, изградба на монтажна летна сцена, претворање на паркот зад МКЦ во простор на кој ќе се случуваат културни настани, реновирање на платото и отворање на Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа.