РЕЖИСЕРОТ ЛОРДАН ЗАФРАНОВИЌ – ГОСТИН НА КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Чешко-хрватскиот режисер Лордан Зафрановиќ, автор на култните филмови „Окупација во 26 слики“ и „Падот на Италија“, денеска ќе има разговор со публиката на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Зафрановиќ (74 години) е гостин на Кинотека на Македонија, како дел од циклусот „Гостин со причина“, при што ќе се прикажат четири негови филма.

Тој е еден од најзначајните југословенски режисери и заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ и со Емир Кустурица е претставник на таканаречената Прашка школа.

„Окупација во 26 слики“, кој во 1979 година беше номиниран за Златна палма во Кан, ќе се прикаже вечерва во 19 часот во Кинотеката.

„Ова е еден од најконтроверзните филмови во Југославија и предизвика бурни реакции веднаш по прикажувањето“, велат од Кинотеката.

За утре се најавени два филма на Зафрановиќ, „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ во 20 часот.

На 5 април од 19.30 часот, ќе игра „Вечерни ѕвона“ со Раде Шербеџија, Петар Божовиќ, Миодраг Кривокапиќ и Петре Прличко. Филмот е работен според романот „Врата од утробата“ на Мирко Ковач. Пред проекцијата, разговор со Зафрановиќ ќе води професорот Наум Пановски.