РИМСКИОТ СУД ДОЗВОЛИ ДА СЕ ПРОДАВА ВИЛАТА КОЈА СОДРЖИ ДЕЛО ОД КАРАВАЏО, ПОЧЕТНАТА ЦЕНА Е 353 МИЛИОНИ ЕВРА

Рим, (АП)

Римската вила чиј таван е насликан од славниот италијански уметник Караваџо сепак ќе се продава на аукција откако таа беше одобрена од судот. Каза дел‘Аурора во изминатите две децении беше дом на принцезата Рита Џенрет Бонкомпањи Лудовизи, што е аристократското име на Американката Рита Карпентер, која со семејството водеше спор околу наследството.

Почетната цена на денешната онлајн аукција ќе биде 353 милиони евра, додека вредноста на вилата е проценета на 471 милион евра.

Поради високата цена, се верува дека никој нема да наддава за вилата (Фото: АП)

Куќата изградена во 1570 е во сопственост на семејството Лудовизи од почетокот на 17. век. По смртта на принцот Николо Бонкомпањи Лудовизи во 2018, таа стана предмет на спор помеѓу трите деца од неговиот прв брак и неговата трета сопруга, принцезата Рита.

Вредноста на вилата „Аурора“ се должи на делото на Караваџо, чија изработка била нарачана во 1597 година. Муралот широк 2,75 метри ги прикажува Јупитер, Плутон и Нептун и е необичен: тој не е фреска, туку масло на гипс и е единствениот познат таван насликан од Караваџо.

Поради високата цена, се верува дека никој нема да наддава за вилата. Во тој случај, ќе биде понудена на уште две аукции, но за помала суми.