Францускиот писател Клод Симон, кој доби Нобелова награда за литература во 1985 година, денес никој не би го објавил, барем судејќи според експериментот, што го спроведе еден негов фан.
Писателот Серж Вој испратил 50 страници од контроверзниот роман на Симон од 1962 година, „Палата“, на 19 издавачи и добил неверојатни резултати: од 12 бил одбиен, а седум не се ни потрудиле да му одговорат.
„Еден уредник ми кажа дека читателот целосно се губи во бесконечно долгите реченици. Во писмото ми напиша дека книгата нема заплет, ниту, пак, добро разработени ликови“, кажа Вој за француско радио.
Симон, еден од основоположниците на бранот „нов роман“, беше познат по своето долго раскажување, користејќи реченици што се развлекуваат на неколку страници.
Според Вој, ваквиот однос на издавачите покажува дека денес не постои интерес за литературни дела кои не се лесни за читање или од кои не се очекува да станат бестселери.