По неколку месеци неизвесност, Ливерпул денеска потврди дека Мохамед Салах останува во клубот. Египќанецот потпиша нов двегодишен договор, откако сегашниот му истекуваше на крајот на сезоната, поради што можеше да си замине како слободен играч.
„Се разбира дека сум возбуден. Имаме одличен тим и потпишав нов договор зашто мислам дека тука имам шанса да освојам уште трофеи и да уживам во моето играње. Тука играм веќе осум години и се надевам дека ќе бидат десет. Најдобрите години од мојата кариера ги имав тука“, изјави Салах.
Тој постигна 32 гола оваа сезона, од кои 27 во Премиерлигата, додека Ливерпул е на прагот на 20. шампионска титула. Во досегашниот престој во Ливерпул има одиграно 393 натпревари, на кои даде 243 гола и 109 асистенции.
Покрај Салах, кој во текот на сезоната постојано изјавуваше дека сака да остане на „Енфилд“, договори им истекуваат и на Вирџил ван Дајк и Трент Александер-Арнолд, кој се поврзува со трансфер во Реал Мадрид.
(Фото: Ливерпул)