СЕ ПЕНЗИОНИРАВ, ПА ПОЧНАВ ОДНОВО И СТАНАВ СПАСУВАЧ, ВЕЛИ 62-ГОДИШЕН БРИТАНЕЦ

Лечворт, (Гардијан)

По здравствените проблеми, Марк Садлер од Лечворт во Англија се откажал од својата работа како инженер во железницата. Сега работи на отворено и никогаш не бил посреќен, вели тој за „Гардијан“.

„Никогаш самиот не сум ги избирал работите што ги правев во мојот живот“, вели Марк Садлер. Тој ги поминал последните 22 години од својот работен век во тунелите на лондонското метро, а кога се пензионирал на 60 години, станал спасувач.

„Сега подобро ја запознавам природата, го гледам сонцето. Сега го чувствувам времето“, вели тој.

Садлер отсекогаш сакал да плива. Тоа го наследил од мајка му, која пливала до свои 80 години. „Сè уште пливам 100 милји годишно за спомен на мајка ми“, кажа Садлер.

Тој сега има 62 години, но пред три години стравот за здравјето поттикнал преиспитување кај него. Давал крв кога почувствувал болка во градите.

„Во болница, докторот ме праша дали пијам. Му реков дека пијам, веројатно премногу. Истото го кажав и за пушењето. По мојата големина може да се види и дека јадам премногу. Си помислив дека никогаш повеќе нема да се најдам во оваа состојба“.

Дијагностициран со стеснети артерии, Садлер престанал да пуши и пие, започнал со веганска исхрана и веќе не ѝ се вратил на старата работа.

„Како заменик-менаџер на инженерскиот возен парк, работата беше стресна. Отсекогаш морав да заработувам колку што можам за да го обезбедам семејството. Не верувам дека имам природни таленти. Она што го добив во животот е преку чиста напорна работа. Кога шефовите ме прашуваа дали можам да извршам некоја задача, секогаш им велев дека можам“.

Садлер на почетокот работел осумчасовна смена, од метење на базенот до чистење на тоалетите. Во првите шест месеци откако се квалификувал, го прашувале барем еднаш дневно колку години има.

„Бев 40 години постар од кој било друг на курсот. Луѓето беа шокирани што навлегов во тоа на 60 години. Но, да имаш млади врсници ти дава поинаква перспектива“.

Садлер знае дека спасувањето на вода ќе дојде до природен крај кога веќе нема да може да го положи годишниот тест за компетентност.

„Но, сакам уште најмалку осум години. Сакам да работам до 70 години“.