Поп-пејачката Лара Иванова сними дует со Јосиф Ристовски насловен „Сите светла“. Иванова вели дека ѝ е драго што снимила трендовска песна во диско ритам, затоа што за само неколку дена има илјадници прегледи и позитивни коментари.
Автори на текстот и на музиката се самите пејачи, а аранжманот е на Дарко Димитров. Режисер на спотот е Томислав Живковиќ.
„Песната излезе многу спонтано. Работевме во студио и после две-три демо снимки ја направивме ‘Сите светла‘. Јас сум презадоволна од оваа соработка. Коментарите од публиката се позитивни и тоа многу ме радува. Јосиф е доста флексибилен за работа и многу креативен, па затоа беше задоволство да се соработува со него и, секако, со дизајнерката Ива Спасовска, која направи соодветна креација за спотот“, изјави пејачката
Иванова студира балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје.