СЕКОЈ ПРИДОНЕСУВА СО НЕШТО ПОСЕБНО, ВЕЛИ ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДОРКА ЏАНЕЛ ЗА КАМПАЊАТА „ВО ИСТ РИТАМ“ НА ХЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Важни се свесноста и прифаќањето на различните, а не која е родовата припадност на луѓето е една од пораките на кампњата „Во ист ритам“ на Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА, која ја организира со поддршка на Холандската амбасада во Македонија.

„Холандија е убедена дека едно општество може да напредува и да се развива само кога вклучува колку што е можно повеќе различни групи. Како што велиме ние, секој придонесува со нешто единствено и посебно“, вели амбасадорката Узлем Џанел.

Кампањата треба да придонесе за широка поддршка на јавноста за концептот на човекови права, родовата еднаквост, вклученоста на сите категории граѓани, солидарноста и поддршката на потенцијалот што го имаат младите во земјата.

Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА, рече дека студијата на Светската здравствена организација за однесувањето поврзано со здравјето кај децата од училишна возраст укажува на ставови и однесувања кај младите луѓе во нашата земја кои треба сите да нѐ загрижат.

„Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња, особено кај 15-годишните. Родовите нееднаквости имаат големо влијание врз општата благосостојба на децата и младите. И девојчињата и момчињата се жртви на нееднаквоста, но своето страдање го изразуваат на различен, родово обоен начин. Затоа е потребно сите во ист ритам да го слушнеме секој глас и со тоа да се искористи потенцијалот и поттикне секој млад човек да ја живее најдобрата верзија од себе“, рече Божиноска.

Фото: К. Попов