СЕКОЈА БЕНЗИНСКА ПУМПА ВО ГЕРМАНИЈА ЌЕ МОРА ДА ИМА ПОЛНАЧ ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

Берлин, (Ројтерс)

Бензинските пумпи во Германија ќе бидат обврзани да постават и полнач за електрични автомобили, како дел од владиниот пакет од 130 милијарди евра за обнова на економијата по кризата со коронавирусот.

Во исто време, државните субвенции за купување на електрично возило со цена до 40.000 евра се зголемени од 3.000 на 6.000 евра.

Ова би можел да биде значителен поттик за побарувачката на електрични автомобили, а владиниот план предвидува и посебни даноци со кои би се казнувале сопствениците на теренските возила (СУВ) кои многу загадуваат.

Електричните автомобили сѐ уште не се многу популарни во Германија. Лани, само 1,8% од новокупените патнички автомобили биле на електричен погон, додека 32% биле дизелски.

Во Германија во мај имало 27.730 станици за полнење на електрични автомобили, а се проценува дека се потребни најмалку 70.000 и уште 7.000 за брзо полнење.