Шестото издание на манифестацијата „Не е сѐ во брзината!” ќе се одржи на 29 октомври во Скопје, а централен настан е бавната трка којa има за цел да ја подигне свеста на сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите.
Во организација на мотоклубот „Вепар“, трката ќе биде поделена на четири категории: за мотоцикли до 50, од 51 до 500, од 501 до 1.000 и над 1.000 кубици.
„Трката ќе се одвива така што истовремено ќе се натпреваруваат по двајца учесници по систем на елиминација. Победник е оној кој поспоро ќе стигне до целта“, појаснуваат од „Вепар“.
Пријавувањето за бавната трка ќе се одвива кај патеката во просториите на клубот, од 10 до 11:30 часот на денот на настанот. Стартот на трката е на пладне, а ќе биде проследена со забавна програма.
(Фото: МК Вепар)