ШПАНСКИ ФИЛМОВИ ОД РАЗЛИЧНИ ФИЛМСКИ ЕПОХИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Кинотека на Македонија во тек е Неделата на шпански филм, со автори од различни филмски епохи и со различни естетики, од средината на минатиот век до денес.

„Тој временски период изнесува речиси колку еден просечен животен век, па сигурно е интересно да се проследи созревањето на една национална кинематографија низ различни авторски видувања“, велат од Кинотеката.

Вечерва на програмата, од 20 часот, е филмот „Чико и Рита“ во режија на Тоно Ерандо, Хавиер Марискал и Фернандо Труеба, утре е „Југот“ на Виктор Ерис, а потоа ќе бидат прикажани „Смртта на велосипедистот“ на Хуан Антонио Бардем (сабота), „Без срам“ на Јоакин Ористрел (недела), „Црвената верверичка“ на Хулио Медем (26 ноември) и „Пеперутка“ на Хосе Луис Куерда (27 ноември).