ШТИПСКИОТ ТЕАТАР ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ СО ПРЕМИЕРАТА НА „LÉ КРЕТЕН“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на претставата „Lé Кретен“ од францускиот драматург Френсис Вебер, во режија на Никола Ристов, Народниот театар од Штип денеска ќе го одбележи Светскиот ден на театарот – 27 март.

„Комедијата ‘Lé Кретен’ е приказна за опсесијата и посесивноста раскажана преку сторијата на фотографот Пињон кој не може да се помири дека неговата сакана Луиз го напуштила за нејзиниот психијатар. Се потрудивме секој лик да се бави сам со себе и кога ќе излезе од затворениот свет, секој лик пука од емотивни експлозии, што ѝ дава посебна динамика на преставата“, вели режисерот.

Улогите ги играат Миле Вратеовски, Пеце Ристевски, Елена Шорова Дербов, Владимир Тулиев, Анѓелка Нашкова и Даријан Петров. Драматург е Весна Куслеска. Претставата почнува во 20 часот, а билетите се по цена од 300 денари.

„По повод 100-годишниот јубилеј на театарската дејност во Штип, Центарот за култура ‘Ацо Шопов’, во чии рамки работи и Народниот театар, до крајот на годината ќе реализира уште шест премиери, од кои само три се поддржани од Министерството за култура“, вели директорот Горан Трајков.

Т. ЈОВАНОВСКИ