ШВЕДСКАТА АМБАСАДА ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ГО ОБЈАВИ КОНКУРСОТ ЗА ПОЗИЦИЈАТА „АМБАСАДОРКА НА ЕДЕН ДЕН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Амбасадата на Шведска во Македонија четврта година по ред отвора конкурс за позицијата „амбасадорка на еден ден“.

Од избраната кандидатка се очекува да ја следи амбасадорката во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на амбасадата и да учествува во дневните активности на амбасадата. На крајот од работниот ден, кој ќе трае од 8:30 до 16:30 часот, ќе даде краток извештај за сработеното.

Сите заинтересирани кандидатки треба да ги достават следните документи: кратко мотивациско писмо (најмногу 250 зборови) со објаснување зошто сте заинтересирани за оваа позиција, кратка биографија каде што посочувате што правите, кои се вашите интереси и кои активности сте ги презеле за да го промовирате или подобрите животот во вашата заедница, две препораки од некој што добро ве познава, како учител или наставник и писмена согласност од вашите родители/законски старатели (за девојчиња на возраст од 15 до 18 години)“, стои во повикот.

Краен рок е 28 октомври, а пријавувањето се прави преку мејлот [email protected] со наведување Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver за „Амбасадорка на еден ден 2024“. Сите апликанти ќе бидат известени за резултатите од конкурсот до крајот на ноември 2024 на е-поштата наведена во апликацијата. Избраната кандидатка ќе биде амбасадорка на еден ден кон крајот на февруари или во почетокот на март 2025.

Минатата година, амбасадорка на еден ден беше битолската гимназијалка Ивана Новачевска (фото).