Во Велешкиот театар вечерва од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Четири соби“, работена според истоимениот филмски омнибус од четири дела. Тие беа режирани од Алисон Андерс, Александр Роквел, Роберт Родригес и Квентин Тарантино, додека сценариото, адаптацијата и режијата во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ се дело на Синиша Евтимов.
„Во последно време излегува дека работам филмски сценарија за театарска сцена и за мене тоа е возбудливо. Го соголувам целиот дијалог и барам нов контекст и живот на истиот текст, што ќе живее на сцена. Станува збор за апсолутна адаптација на филмското сценарио. Искористена е дијалошката структура од сценариото, кое е пренесено во денешно време тука во Македонија. Мислам дека добивме супер резултат и чекам што ќе кажат гледачите, кои долго чекаа премиера на велешката сцена“, рече Евтимов.
Во претставата играат Фаик Мефаилоски, Зорица Панчиќ, Кети Борисовска, Маја Љутков, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Благојчо Стојанов, Самоил Стојановски, Исидор Јовановски и Талија Настова. Mузиката е на Сашко Костов, а сценографијата и костимите на Александар Ношпал.
Портирот кој ги поврзува четирите соби го игра Мефаилоски.
„Заплетот и комедијата се во тоа колкави се барањата на гостите во собите. Тие се многу чудни. Секоја соба е како еден млад човек. Сигурен сум дека многу луѓе ќе се пронајдат во претставата и дека ќе биде хит. Се радуваме како мали деца што се враќаме на сцена. Како да се враќаме дома“, рече Мефаилоски.
Премиерата ќе можат да ја следат 120 гледачи, третина од капацитетот на Велешки театар, колку што е дозволено според здравствените протоколи.
П. ПЕЧКОВ