Се случи ново чудо: Македонија повторно има европски првак во ракомет и тој повторно се вика Вардар!
Во својот последен меч во овој состав, „црвено-црните“ уште еднаш го покорија Келн, откако во финалето на завршниот турнир на Лигата на шампионите го победија Веспрем со 27:24, само ден по шокантниот триумф над Барселона.
Се повтори 2017 година и допрва ќе се повторува, бидејќи тогашниот пречек на вардарци во Скопје го запре градот и беше нешто за што воодушевено зборуваше цела ракометна Европа.
Вардарци стигнаа до европскиот врв во ситуација кога знаеја дека ова е крај на една величествена приказна, но се потрудија простувањето од црвено-црниот дрес да им биде со шампионски шмек. Најголемиот дел од екипата ќе се растури по Фајнл форот во Келн, но, пред тоа, има да се слави.