Скопје танцовиот театар ѝ ја посвети вечерашната изведба на претставата „Импулс“ на Емилија Џипунова, доајенка на балетската уметност во Македонија и добитничка на годинашната награда на Град Скопје „13 ноември“. Претставата ќе се изведе од 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).

„Секогаш се радуваме кога уметниците од областа на танцот ќе добијат признание за својот труд. Ова е награда што госпоѓа Џипунова апсолутно ја заслужува и со радост ќе настапиме во нејзина чест. Оваа претстава е дел од нашата годишна јубилејна програма, што ќе финишира на 9 декември, кога ќе имаме гости од Скапино балет Ротердам и заедно ќе го чествуваме танцот“, вели уметничката директорка Рисима Рисимкин.

„Импулс“ е составена од три дела: првиот дел е танцовиот перформанс „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска, во кој настапуваат Дејан Битровски и Анастасија Данчевска, потоа следи танцовиот филм „Дома“ во режија и кореографија на Данчевска, а програмата завршува со „Меѓусвет (Убавите жени)“, во режија и кореографија на Рисимкин, претстава инспирирана од творештвото на Блаже Конески.