ТАЈЛАНД ПО ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ГО ОТВОРА ЗАЛИВОТ ПРОСЛАВЕН ВО ФИЛМОТ СО ДИКАПРИО

Бангкок, (Си-Ен-Ен)

Една од најпознатите светски плажи, што ја прослави филмот со Леонардо ДиКаприо од 2000 година, повторно се отвора за туристи на 1 јануари 2022.

За разлика од другите туристички дестинации низ светот, затворањето на заливот Маја во Тајланд немаше никаква врска со пандемијата. Тој стана недостапен во јуни 2018, со цел да се обнови локалниот екосистем од штетата предизвикана од милиони туристи што го посетуваа.

„Заливот Маја во континуитет привлекуваше огромен број туристи од цел свет, што доведе до уништување на тамошниот природен свет, особено коралите. Како резултат на затворањето на заливот и напорите за обнова, тој сега е во добра состојба“, објави министерството за животна средина и природни ресурси.

Заливот се отвора под нови услови. На чамците нема да им биде дозволено да влезат во заливот, туку на друго место ќе ги оставаат туристите. Посетите ќе бидат ограничени на еден час и во една тура ќе може да има најмногу 300 туристи.