Скопската зоолошка градина ќе добие нова содржина – 7-Д кино. Станува збор за технологија која комбинира 3-Д и дополнителни ефекти, што прави гледачите да се чувствуваат како да се дел од филмот. Меѓу другото, седиштата се движат за време на проекцијата.

Од Зоолошката велат дека во киното ќе се прикажуваат филмови за животинскиот свет.

„Се решивме за ваква атракција бидејќи секаде во светот зоолошките градини се модернизираат и дигитализираат. Киното ќе нуди забава и дополнителна едукација, а ќе се проектираат филмови за животинскиот свет и дино периодот“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

7-Д киното ќе биде поставено блиску до влезот, а ќе се обезбеди со помош на спонзори.