ГРКОТ АДЕТОКУНБО ГО ОДНЕСЕ МИЛВОКИ ДО ПРВАТА НБА ТИТУЛА ПО 50 ГОДИНИ ПАУЗА

Милвоки, (АП)

Милвоки Бакс ја заврши 50-годишната потрага по втората шампионска титула во НБА лигата, откако го совлада Феникс Санс со 105:98 на шестиот натпревар од финалето на плеј-офот. Бакс стана само петти тим кој дошол до титулата откако ги изгубил првите два меча од финалната серија.

Гркот Јанис Адетокунбо постигна дури 50 поени на денешниот натпревар и беше прогласен за најкорисен играч на финалето, при што со освоената титула го исполни предизвикот што Коби Брајант му го постави пред две години, но и ветувањето што му го даде на градот Милвоки кога дојде во клубот.

„Нема да ги напуштам тимот и градот Милвоки додека не изградиме шампионски тим“, изјави своевремено Адетокунбо.

Адетокунбо (26), чии родители се Нигеријци, дебитираше во НБА во 2013 година откако Милвоки го избра како 15. пик на драфтот. Иако е роден во Атина, тој дури во 2013 доби грчко државјанство и следната година почна да настапува за грчката репрезентација. Лани го потпиша најбогатиот договор во историјата на НБА, вреден 228,2 милиона долари.