СЛИКОВНИЦИ – ТЕМА НА 6. КНИЖЕВЕН ФЕСТИВАЛ „ДРУГА ПРИКАЗНА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 1 и 2 октомври во Пионерскиот дом „Карпош“ по шести пат ќе се одржува книжевниот фестивал „Друга приказна“. Годинашната тема, како што вели издавачката куќа „Темплум“, се сликовниците, а мотото е реченицата на Леонардо да Винчи: „Сликата е нема песна, а песната е слепа слика“.

Фестивалот ќе се отвори со промоција на новиот број на списанието „Маргина“, проследено со изложбата „Седум современи македонски илустратори“.

Главниот настан ќе биде „Читање на омилените сликовници“, на кој ќе учествуваат читатели од различни професионални сфери. Вториот ден ќе се промовира новата едиција на „Старо купувам“ во издание на  „Темплум“, која спојува класични текстови за деца од важни македонски автори, преоблечени во оригинални илустрации на млади ликовни уметници.

Ќе има и проекција на три анимирани видеосликовници и камишибаи претстави (јапонски сликовен театар), со цел откривање на нови димензии на сликовниците. Бугарскиот писател Георги Господинов ќе ја добие главната награда на фестивалот.