Со богат концерт и разновидна музика во Филхармонијата, Факултетот за музичка уметност (ФМУ) сношти (6 декември) го прослави 58. роденден. Концертот почна во фоајето, со балетската точка „Променад“ со студентите од Катедрата за балетка педагогија, во кореографија на професорката Искра Шукарова.
Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар при ФМУ за почеток ги свиреа и пееја македонската химна, Академската химна и Химната на УКИМ. Диригираше маестро Борјан Цанев.
„Се наоѓаме пред тешки предизвици, во време кога во светот уште има војни. Музиката е таа која обединува и не ѝ треба превод“, рече деканката на ФМУ Дарија Андовска.
Симфонискиот оркестар го отсвире првиот став од недовршената Симфонија бр. 8 од Шуберт, како и дело од Гија Канчели со солистките Ана Гаштаровска на пијано и Бојана Митковска на виолина. Следеше интересен настап на дувачкиот оркестар со кој диригираше Ангел Спироски, и на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, со дела од Бах и Брант и Сашо Татарчевски како диригент.
Познатата македонска народна песна „Со маки сум се родил“ ја отсвире професорот Драган Даутовски како солист на тамбура со студентите. Емотивната изведба на оваа и на следната песна „Ој девојче“, публиката ја награди со овации. Даутовски свиреше со студентите Јулијана Деспотовска, Славица Томова, Антонио Трајковски и Мила Тренеска.
„Танцот со сабји од балетската свита „Gayane“ со аранжман на Влатко Нушев го играа: Христијана Сарафов, Леонтина Карчева и Оља Тошиќ со оригинална кореографија на Соња Здравкова-Џепаровска.
Концертот продолжи со студените од катедрата за популарна музика и хитот „Smells Like Teen Spirit“ од „Нирвана“ во сосема нов џез аранжман на Иван Иванов, кој доби уште едни овации од публиката. Танц импровизации играа студените од отсекот за Балетска педагогија.
Концерот заврши уникатно, со хористите од Мешаниот хор Драган Шуплевски, кои излегоа од повеќе страни од салата и како дел од репертоарот ја испејаа популарната „Besame mucho“.
Според талентот и посветеноста која ја покажаа студените и нивните ментори, концертот со право беше наречен „Блесок“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Маестро Борјан Цанев диригираше со хорот и оркестарот