Македонско-српската граница отсега ќе се поминува двојно побрзо.
Премиерите на двете земји Зоран Заев и Ана Брнабиќ денеска го пуштија во функција заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево, на кој ќе се применува системот на едно застанување One stop shop, односно заедничка гранична и царинска контрола.
Според новиот концепт, возилата што излегуваат од Македонија ќе поминат контрола на граничниот премин Прешево, а возилата што доаѓаат од Србија на граничниот премин Табановце.
„Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и на превозни средства, односно времето на минување на границата ќе се намали за повеќе од половина. Контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби и ќе се намали можноста за царински измами“, кажа Заев.
Ова е дополнително олеснување на граничниот режим со Србија, во којашто од 2012 година може да се влезе и само со лична карта.