Гитарското дуо „Дениција“ ќе одржи концерт вечерва (26 мај) на Факултетот за музичка уметност во Скопје (ФМУ) од 19:30 часот. На репертоарот се дела од македонските композитори Шахов, Иванов, Андовска и Спироски, како и дела од Каванах и Брауер.
Утре (27 мај) од 13 до 15 часот, членовите на дуото ќе одржат работилница во малата сала на ФМУ, која е отворена за студентите по гитара и учениците од средните музички училишта, но и за сите млади ентузијасти кои сакаат да ги усовршат своите вештини во свирењето гитара.
Во септември 2024, „Дениција“ настапи во шведскиот парламент во Стокхолм на прославата по повод Денот на независноста на Македонија. Анастасија Милеска и Александар Андријевски свиреа дела од македонски композитори на покана на македонскиот амбасадор.
Со песната „Бранови“ (Waves), која ја напиша композиторот Ангел Спироски, дуото „Дениција“ го најави првиот албум насловен „ДоМа“. На албумот има шест дела за гитара од современи македонски композитори: Дарија Андовска, Панде Шахов, Ана Пандевска, Вања Ѓумар Николовски, Филип Иванов и Ангел Спироски.