На 20 февруари, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се изведе претставата „Женидба“ од Гогољ, во продукција на Народно позориште од Приштина, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народно позориште од Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.

Според режисерот, во „Женидба“, Гогољ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од неговото време – лицемерието, желбата за статус по секоја цена и робувањето на нормите на граѓанското општество.

„Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување на форма за која неговите ликови мечтаат и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години откако е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето и за нив е секогаш потребно да се говори низ театарот“, вели Караџиќ.

Во претставата играат Јелена Орловиќ, Милена Јакшиќ, Аника Грујиќ, Милан Васиќ, Игор Дамњановиќ, Милорад Капор, Небојша Ѓорѓевиќ, Бојан Стојчетовиќ, Бранко Бабовиќ, Тамара Томановиќ и Бранко Бабовиќ. Костимограф е Драгица Лаушевиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на Караџиќ.