„МЕНОПАУЗА“ НА ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ ГО ОТВОРИ ФЕСТИВАЛОТ НА МОНОДРАМА ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Монодрамата „Менопауза“ на Тијана Дапчевиќ, духовит и искрен стендап за темите за кои жените често зборуваат тивко, а на сцената конечно се отвораат со многу хумор и самоиронија, го отвори 27, издание на Фестивалот за монодрама во Битола. Претставата ја насмеа публиката до солзи и донесе одличен почеток на фестивалската недела, која ќе трае од 23 до 29 април во Центарот за култура.

Отворањето беше во два дела: прво пред Центарот за култура, а потоа и со официјална програма во Големата сала. За значењето и традицијата на фестивалот збореше неговата долгогодишна соработничка и поддржувачка Љупка Коларова-Пајевиќ, која веќе 26 години е дел од оваа театарска приказна. Атмосферата дополнително ја разубави миниконцертот на Бојан Стојков, кој изведе песни од легендарниот Фреди Меркјури.

Оваа година фестивалската програма содржи 13 монодрами од 10 земји: Казахстан, Египет, Ерменија, Романија, Чешка, Бугарија, Полска, Италија, Грузија и Македонија. Публиката секојдневно ќе има можност да проследи по три претстави, а новина е „Бар сцената“, нов експериментален простор во салата на поранешната кафеана, каде што ќе се изведува една претстава дневно.

Фестивалската програма ќе заврши со претставата „Гидионовиот јазол“ на сцената на Народниот театар, кога ќе бидат доделени и наградите.

Ж. ЗДРАВКОВСКА