Српско народно позориште од Нови Сад вечерва гостува во Велес со претставата „Тартиф“ (20 часот), во режија на неодамна починатиот Игор Вук Торбица. Претставата се реализира во рамките на протоколот „Наши денови“, кој има за цел да создаде мостови за регионална соработка и да поттикне театарска размена. Од неодамна, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес е дел од оваа мрежа.

Првата активност во Велешкиот театар е гостувањето на „Тартиф“, авторски проект на Торбица, работен според мотивите од истоимената комедија на Молиер, а со поднаслов „Комично во класичното“.

Улогите ги толкуваат Саша Тодоровиќ (Тартиф), Хана Селимовиќ, Нинослав Ѓорѓевиќ, Тијана Марковиќ, Марко Марковиќ, Билјана Кесеновиќ, Даница Грубачки, Марко Савиќ, Душан Вукашиновиќ, Немања Бакиќ, Милорад Капор и Драгана Шуша.

П. ПЕЧКОВ