По пет години откривање мини и други неексплодирани направи во Камбоџа, стаорецот Магава оди во пензија.
Тој важеше за најуспешниот глодар трениран од белгиската непрофитна организација АПОПО да пронаоѓа мини и да ги алармира пиротехничарите. Минатата година му беше доделено највисокото британско цивилно признание за храброст на животни, кое претходно беше резервирано само за кучиња.
„Иако е во добро здравје, Магава ја достигна возраста за пензионирање и почна да забавува“, изјавија од АПОПО.
Магава расчистил површина од над 141.000 квадратни метри, што е рамно на 20 фудбалски игралишта, при што пронашол 71 мина и 38 други неексплодирани средства.