СТАРИ КНИГИ ОД 13 ДО 19 ВЕК ИЗЛОЖЕНИ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Народната библиотека „Гоце Делчев“ во Штип е отворена изложба на стари книги и факсимили кои датираат од 13 до 19 век. Штипската библиотека веќе реставрирала збирка од 25 стари книги и факсимили од кои една е од посебен раритет затоа што станува збор за книга во ракопис.

„Се работи  за црковна книга во ракопис под наслов ‘Молитва за Богородица’ која датира од 18 век. Автор е Владимир Мошин и за прв пат се презентира пред штипската јавност. Ракописот веќе е конзервиран, а реставрирани се уште други 24 книги од кои поголемиот дел се црковни книги“, вели директорката на библиотеката Милена Ристова Михајловска.

Во библиотеката „Гоце Делчев“ во фаза на реставрација е и уште една раритетена збирка на стари книги и факсимили напишани на староотомански јазик., а најстарата датира од 13 век (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Внимание предизвикуваат и книгите Свето Евангелие од 1882 печатена во Санкт Петербург, „Од бугарските бурни времиња“ од 1890, „Календар на Св. Кирил и Методиј“ од 1893, „Јован Залотоуст“ од 1864, „Христопатија“ од 1852, „Читанка за четврто одделение“ од 1912, „Читанка за втори клас“ од 1911. Книгата на Кочо Рацин „Бели мугри“ по првото тајно печатење во Самобор кај Загреб во 1939, доживува и ново печатење во печатницата „Илинден“ во Штип во 1945.

По конзервацијата на првата збирка од 25 стари книги и факсимили, според  Михајловска, во библиотеката „Гоце Делчев“ во фаза на реставрација е и уште една раритетена збирка на стари книги и факсимили напишани на староотомански јазик. Најстарата датира од 13 век.

„Со врвните турски библиотеки во Истанбул се договоривме нивни стручни лица да помогнат во реставрацијата и конзервацијата на книгите од отоманскиот период кои се наоѓаат во депоата на библиотеката во Штип. Нивни преставници веќе престојувале во Турција каде библиотекарите во Истанбул биле пријатно изненадени од презентацијата на добро зачувавните стари книги и факсимили од отоманскиот период со кои располага штипската библиотека“, вели Милена Ристова Михајловска.

Т. ЈОВАНОВСКИ