Второто издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“ од 6 до 9 јуни продолжува во Братислава, каде што студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе настапат во рамки на Интернационалниот фестивалот на танцови универзитети под наслов „Шер“ (Share).
Како што велат од УГД, проектот се одвива под менторство на професорката Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија и доцент Адријана Данчевска, во соработка со асистентите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.
На сцената „Театр ЛАБ“ на Академијата за изведувачки уметности во Братислава, студентите на Катедрата за современ танц при УГД, ќе се претстават со две кореографии: „Квартет“ на Дејан Битровски, кореограф и стручен соработник и „The Remige“ на Адријана Данчевска. Ќе настапат студентките на прва година на Катедрата за современ танц: Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Луканова и Миа Петровиќ.
Анастасија Данчевска, стручен соработник на Катедрата за современ танц, на фестивалот ќе одржи работилница на тема „Класичен балетски час за современи танчери“.
Рисимкин ќе учествува на панел-дискусиите за идни соработки и стратегија на развој на понатамошно поврзување на академиите, како и вмрежување на студентите во системот на европската современа танцова сцена, со што ќе се овозможи поголема интеграција на младите во професионалниот сегмент на светската танцова сцена.