СВЕТСКИОТ ПРВАК ЕНЦО ФЕРНАНДЕС СТАНА НАЈСКАПИОТ ИГРАЧ ВО ИСТОРИЈАТА НА БРИТАНСКИОТ ФУДБАЛ

Лондон, (Би-Би-Си)

Премиерлигашките клубови поставија нов рекорд откако потрошија 815 милиони фунти во јануарскиот преоден рок, што беше заокружено со трансферот на аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандес во Челзи за 107 милиони фунти.

Челзи купи осуммина играчи минатиот месец за речиси 300 милиони фунти, вклучувајќи го и 89 милиони фунти вредниот Украинец Михајло Мудрик. Сепак, главната цел беше 22-годишниот Фернандес, чие доаѓање од Бенфика беше договорено во последните моменти од преодниот рок.

Фернандес беше едно од откритијата на Светското првенство во Катар, каде што со Аргентина ја освои титулата и беше прогласен за најдобар млад играч. За Бенфика играше само неколку месеци, откако беше доведен во август за 10 милиони фунти. Тој сега стана најскапиот играч во историјата на британскиот фудбал, соборувајќи го рекордот на Џек Грилиш, кој во 2021 премина од Астон вила во Манчестер сити за 100 милиони фунти.

Челзи е десетти во Премиерлигата, иако минатото лето потроши 270 милиони фунти на засилувања.

(Фото: Гети)