Светски познатата танцова трупа од Турција, „Огнот од Анадолија“, вечерва (20.30 часот) гостува со своетo шоу во Скопје, во ВИП арената „Борис Трајковски“.

Атрактивната компанија постои од 1999 година, a низ светот настапува од 2001. Ја сочинуваат околу 120 танчари, повеќе кореографи и техничка екипа.

„Со потекло од митолошката и културна историја на Анадолија, ова е уникатен проект, кој содржи 3.000 танцови фигури и народна музика, составени од речиси секој регион на Анадолија“, најавува организаторот „Прагма мјузик ентертејнмент“.

Проект на Мустафа Ердоган, танчарите од „Огнот од Анадолија“ имаат настапувано на повеќе настани во Турција и низ светот, како: Светското првенство во кошарка во 2010 година, церемонијата на отворањето на Европскиот олимписки фестивал „Трабзон 2011”, Формула 1 трка во Бахреин, 15. Азиски олимписки игри во Катар, Олимпијадата 2008 во Пекинг, Експо Сарагоса 2008 и Шангај Експо 2010.

Со изведбите на „Огнот од Анадолија: еволуција и Троја”, компанијата настапува на најпознатите места низ светот, како што се „Медисон сквер гарден“, Њујорк и Чикаго театар, Палатата на Конгресот, „Берси“, Трокадеро, трипати во Големата сала на Парламентот во Пекинг, Кремљ, пред пирамидите во Гиза…