ТЕЛЕСКОПОТ „ЏЕЈМС ВЕБ“ ПОТВРДИ ДЕКА ВСЕЛЕНАТА СЕ ШИРИ ПОБРЗО ОДОШТО СЕ МИСЛЕШЕ

Вашингтон, (Ројтерс)

Податоците собрани од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за две години ги потврдија претходните наоди на телескопот „Хабл“ дека стапката на ширењето на универзумот е побрза од она што досега го проценуваа астрофизичарите, и тоа за 8%. Набљудувањата на најнапредниот вселенски телескоп досега ја поништуваат идејата дека податоците од „Хабл“ биле инструментална грешка.

„Ова е најголемиот примерок од податоци на ‘Џејмс Веб‘ и го потврдува збунувачкиот наод од телескопот ‘Хабл‘ со кој се бориме цела деценија. Универзумот се шири побрзо отколку што нашите теории можат да објаснат. Да, се чини дека нешто недостига во нашите разбирања на универзумот. Нашето разбирање содржи многу незнаење за два елемента, темна материја и темна енергија, а тие сочинуваат 96% од универзумот“, кажа астрофизичарот Адам Рајс од Универзитетот Џонс Хопкинс во Мериленд.

Темната материја, за која се смета дека опфаќа околу 27% од универзумот, е хипотетички, невидлив облик на материја, но се заклучува дека постои врз основа на нејзините гравитациони ефекти врз обичната материја – ѕвезди, планети, месечини и сите работи на Земјата.

Темната енергија, за која се верува дека сочинува приближно 69% од универзумот, е хипотетички облик на енергија што продира во огромни делови од вселената и која се спротивставува на гравитацијата и го поттикнува забрзаното ширење на универзумот.

Стапката на ширењето на вселената се мери во километри во секунда во мегапарсек, растојание еднакво на 3,26 светлосни години. Светлосна година е растојанието што светлината го минува за една година (9,5 трилиони километри).

Настанот Големата експлозија пред 13-14 милијарди години го иницирал универзумот и тој оттогаш се шири. Научниците во 1998 открија дека оваа експанзија се забрзува, со темната енергија како претпоставена причина.

(Фото: НАСА)