„ТЕСЛА“ ТРЕБА ДА ИСЕЧЕ ИЛЈАДНИЦИ ДРВЈА ПОРАДИ СВОЈА НОВА ГИГАФАБРИКА ВО ГЕРМАНИЈА

Берлин, (Би-Би-Си)

Германски суд ѝ нареди на компанијата „Тесла“ да запре со сечата на шумата во близина на Берлин, каде што треба да се гради нејзината прва европска гигафабрика за електрични автомобили и батерии. Ова е победа за локалните активисти за животна средина, кои велат дека проектот е закана за тамошниот природен свет и за снабдувањето со вода.

Илон Маск во ноември славенички објави дека четвртата гигафабрика на „Тесла“ ќе се гради во Гринхајде во источната сојузна држава Бранденбург и расчистувањето на земјиштето почна во четвртокот.

„Тесла“ купи 300 хектари земјиште во Гринхајде, што е рамно на 400 фудбалски игралишта, од кои 91 хектар се под шума, па за да се изгради фабриката треба да се исечат илјадници дрвја. Фабриката треба да биде готова следната година и во неа би се вработиле 12.000 луѓе.

Според локалните медиуми, „Тесла“ ветила дека ќе пресели колонии на шумски мравки, влекачи и лилјаци и дека ќе соработува со екологисти.

„Тесла“ веќе има две гигафабрики во САД и една во Кина.