ТРАМП ОДЛИКУВА КУЧЕ И ГИ ПРЕДУПРЕДИ НОВИНАРИТЕ ДЕКА ЌЕ ГИ НАПАДНЕ АКО ПОСТАВУВААТ ПРАШАЊА

Вашингтон, (Гардијан)

Доналд Трамп го одликува кучето кое беше рането во акцијата на фаќањето на лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади.

Белгискиот овчар Конан пристигна во Белата куќа директно од Блиски Исток за да прими медал и плакета од Трамп, кој притоа го прогласи за воен херој.

„Конан беше тешко повреден и многумина мислеа дека нема да заздрави, но тој е тврд орев. Конан е многу умен, тој е брилијантен“, изјави Трамп.

И покрај повредите, Конан останува во службата (Фото: Ројтерс)

Тој додаде дека Конан сѐ уште не е за пензија, бидејќи е во свои најдобри години, а потоа во свој стил им се „закани“ на новинарите кои поставуваат прашања.

„Конан е трениран да нападне ако сакате да кажете нешто. Така што, бидете многу, многу внимателни“, се пошегува Трамп.

Конан, која всушност е женка, била повредена откако била пуштена во тунелот во кој се веруваше дека избегал Багдади, кој потоа се самоуби активирајќи прслук со експлозив. Со цел да го заштити, американската војска во прв момент не објави фотографија и име на кучето, што потоа го направи самиот Трамп.