УЧЕСНИК ВО ГОЛ ПЕРФОРМАНС НА МАРИНА АБРАМОВИЌ ГО ТУЖИ МУЗЕЈОТ МОМА ЗАШТО ПОСЕТИТЕЛИ ГО ДОПИРАЛЕ ПО ГЕНИТАЛИИТЕ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Американец кој се појавил гол во познат перформанс на концептуалната уметница Марина Абрамовиќ го тужи њујоршкиот Музеј на современата уметност (МоМА), тврдејќи дека бил жртва на сексуален напад на настанот во 2010 година. Во тужбата, Џон Бонафиде навел дека музејот не сторил доволно за да ги заштити него и останатите учесници во перформансот.

Бонафиде учествувал во изведбата на перформансот „Imponderabilia“, во кој двајца луѓе стојат целосно голи на тесна врата, додека посетителите се охрабруваат да се протнат меѓу голите тела за да влезат на изложбата. Ова дело беше дел од поголема изложба со која се славеше кариерата на Абрамовиќ.

Посетителите се охрабруваа да се протнат меѓу голи тела за да влезат на изложбата

Бонафиде тврди дека петмина посетители сексуално го нападнале во седум прилики за време на речиси тримесечното траење на изложбата. Тој кажа дека пријавил четворица од нив на обезбедувањето, кое самото сведочело на недоличното однесување на петтиот.

Тужителот ги опиша случките како морничави, тврдејќи дека овие посетители при поминувањето се свртувале кон него, ја спуштале раката и го допирале по гениталиите. Тој сега бара отштета за претрпените емоционална болка и штета на менталното здравје.

(Фото: Гети)