Утре од 12 до 16 часот, во ТЦ „Ист гејт“ ќе се одржи првиот „Розов базар“ посветен на борбата против ракот на дојка, кој се организира под мотото „Да го славиме животот“. Базарот го организира Здружението за иницијативи за развој во здравството, подобрување на здравствените сервиси и застапување на пациенти ЕЗРА.
„Имајќи предвид дека борбата против ракот на дојка, како и другите видови рак, не завршува на крајот на октомври, кој е светски месец посветен на борбата против оваа болест, ние во ЕЗРА решивме да го организираме овој настан откако ‘замолкнаа розовите ѕвона’ и да ги потсетиме сите дека борбата против ракот на дојка трае преку цела година. Токму од оваа причина, ве покануваме да го прославиме заедничкиот живот со пораки за поддршка на болните од рак на дојка и нивните семејства, заедно да се радуваме на победите и заедно да го прославиме и овој ден од животот“, вели организаторот.
Настанот е дел од проектот Национална кампања за рак на дојка.