ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 РАЗВИЕНА НА ОКСФОРД Е ДОСЕГА НАЈВЕТУВАЧКИ ОДГОВОР НА ПАНДЕМИЈАТА

Лондон, (АП)

Научниците од Универзитетот Оксфорд објавија дека нивната експериментална вакцина против ковид-19 е безбедна и предизвикала силен имунолошки одговор кај околу 1.000 луѓе кои доброволно ја примиле, што ги зголеми надежите дека би можела да придонесе да се стави крај на пандемијата.

Големи испитувања почнаа во Бразил и Јужна Африка, каде што стапката на заразата е сѐ уште многу висока и ќе може да се види дали вакцинираните поединци имаат помали шанси да добијат ковид-19 од останатите.

„Резултатите се многу голем успех на патот кон вакцина. Тие велат дека вакцината била многу добро примена од над 1.000 волонтери. Го гледаме точно оној вид на имунолошки одговор на кој се надевавме, вклучувајќи ги неутрализирачките антитела и Т-лимфоцити. Тоа значи дека вакцината ги активира двете раце на имунолошкиот систем“, изјави д-р Ендрју Полард, главниот водач на истражувањето.

Следно што треба да се утврди е колкаво ниво е потребно за да се обезбеди заштита.

„Се надеваме дека ќе го дознаеме тоа од следните испитувања, што може да им помогне и на други кои развиваат вакцина“, додаде Полард.

Истражувањето не траело доволно долго за да се разбере колку долго трае имунитетот. Таа предизвикала мали споредни ефекти, но безопасни, како треска и главоболка. Доколку вакцината се покаже ефективна, британската фармацевтска компанија „АстроЗенека“ е подготвена да произведе две милијарди дози.

„Сѐ уште има многу работа пред да потврдиме дали нашата вакцина може да ја спречи пандемијата на ковид-19, но раните резултати се ветувачки“, изјави Сара Гилберт од Оксфорд.