ВЕТЕРОСКА, СЕКОВСКИ И БЛАЖЕВ ЈА ПРЕТСТАВУВААТ СВОЈАТА ИЗЛОЖБА „САБОТНА НОЌНА ТРЕСКА“ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложбата „Саботна ноќна треска“ на авторите Марија Ветероска, Игор Сековски и Иван Блажев ќе се отвори утре (1 октомври) во македонскиот КИЦ во Белград.

Трите автори изложуваат дела на една заедничка тема, но низ три различни изразни форми. Делата на Сековски и Ветероска се комбинација на видео и просторна инсталација, додека Блажев се претставува со фотографии. Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска.

„‘Саботна ноќна треска‘“ е евокативен наслов кој веднаш создава слики од општествениот живот, славењето и енергичната урбана култура. Сепак, во контекст на овој проект, насловот станува длабоко ироничен, не одразувајќи го раздвижениот ноќен живот некогаш поврзан со Скопје, туку повеќе е критика на современото разочарување од градот. Уметниците Игор Сековски, Иван Блажев и Марија Ветероска ја користат својата работа за да ги истражат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација што сега го дефинира животот во Скопје. Изложбата не претставува само носталгичен копнеж за минатото, туку длабоко се занимава со критичката урбана теорија, егзистенцијалната филозофија и постмодерната критика на современиот живот“, вели Франговска.

Изложбата, која првпат беше поставена во Скопје во 2024, се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.