ВО ЧИФТЕ АМАМ СЕ ОТВОРА АВСТРИСКО-МАКЕДОНСКА ИЗЛОЖБА ЗА ЖЕНИ УМЕТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Калиопе Австрија и Северна Македонија“ е насловена изложбата која ќе се отвори денеска во 19 часот во Чифте амам, во организација на Австриската амбасада и Националната галерија на Македонија (НГМ).

Изложбата ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години. Преку биографии на значајни Австријки, изложбата има за цел да го исправи историското маргинализирање на женските достигнувања. Опфаќајќи го периодот од 19. век до денес, изложбата ги истражува животите на различни жени, вклучувајќи аристократки, уметници, научници, активистки и политичарки, прикажувајќи ги нивните предизвици и достигнувања во борбата за еманципација.

Надополнувајќи го документарниот аспект на изложбата, во останатите простории на Чифте амам се изложени дела од колекцијата на Националната галерија чии автори се уметници кои одиграле важна улога во развојот на македонската современа уметност, истакнувајќи го често занемарениот женски поглед. На изложбата ќе има дела од Катја Ефтимова, Лена Стефанова, Борка Аврамова, Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ-Радевска, Моника Мотеска, Дита Старова-Ќерими, Жанета Вангели, Славица Јанашлиева, Виолета Чауле, Биљана Унковска, Менче Спироска и Александра Ристовска-Петрушевска.