ВТОР КОНЦЕРТ НА ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ СО ГОЛЕМ РЕВИСКИ ОРКЕСТАР ВО АПРИЛ ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот пејач Драган Мијалковски ќе одржи и втор концерт во Националната опера и балет, на 3 април, објави радио „Буба мара“. Првиот е закажан за 2 април во истата сала од 20 ласот.

Јубилејните концерти со кои Мијалковски слави 60 години кариера ќе се одржат во придружба на голем ревиски оркестар, а ќе свират и членови на Националниот џез оркестар.

„Ќе ги слушнеме најпопуларните песни на Драган Мијалковски, кои ќе бидат изведени во исти аранжмани како во старите добри времиња. Концертот ќе се снима со цел да се архивира за идните генерации. Затоа подгответе се заедно да ги пееме незаборавните ‘Кажи ми’, ‘223-305’, ‘Скопје радост моја’, ‘Кажи нешто драга’, ‘Убава си како музика’, ‘Ти така ми доаѓаш’ ,’Оди си’… Ексклузивно на овие концерти ќе слушнеме и две нови песни од новиот албум на Мијалковски“, велат од радио „Буба мара“.

Концертот се најавува како незаборавна вечер за сите генерации со аранжманите на Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов, Тодор Бојаџиев, Кире Костов, Ванчо Димитров и други.

Билетите се пуштени во продажба во цвеќарницата „Розе Веро 2“ и онлајн на karti.com.mk.

Фото: Мијалковски на „Златна бубамара на популарноста“ доби награда за животно дело (Фото: Златна бубамара)