ВО ХЈУСТОН СЕ ЧУВААТ 382 КИЛОГРАМИ КАМЕЊА ДОНЕСЕНИ ОД МЕСЕЧИНАТА И НЕКОИ СЕГА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ИСПИТУВААТ

Хјустон, (АП)

Во заклучен трезор во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон се чува богатство што малкумина го имаат видено и допрено.

Лабораторијата со ограничен пристап е дом на стотици килограми камења од Месечината, собрани од астронаутите на „Аполо“ пред половина век. И за првпат по толку децении, НАСА ќе отвори некои од драгоцените примероци и ќе им дозволи на геолози да ги испитаат со најсовремена технологија.

Работата на кураторот Рајан Зиглер е да го одржува она што 12-темина луѓе кои шетаа по Месечината го имаат донесено оттаму во периодот од 1969 до 1972 година.

Базалтен камен стар 3,5 милијарди години (Фото: АП)

Овие примероци вкупно тежат 382 килограми. Некои од нив се вакумирани уште на Месечината и никогаш не биле изложени на земјината атмосфера, а некои се замрзнати и складирани во хелиум по враќањето и никогаш не се допрени.

„Во споредба со технологијата од ерата на ‘Аполо‘, денешните научни инструменти се далеку почувствителни. Можеме повеќе да направиме со еден милиграм, отколку тогаш со еден грам“, вели Зиглер.

Каменот „Генеза“ стар 4,4 милијарди години (Фото: АП)

Седумдесет проценти од примероците донесени од Месечината се чуваат во овој трезор, кој има две комбинации и потребни се двајца луѓе за да се отвори. Од шесте слетувања на Месечината, првата мисија има донесено најмалку примероци, само 22 килограми. Нил Армстронг беше главниот собирач на камења и фотограф на мисијата.

„Преку овие примероци учиме за целиот сончев систем. Преку нив научниците ја имаат утврдено староста на површините на Марс и Меркур и дека Јупитер се формирал поблиску до сонцето и потоа мигрирал подалеку“, вели Зиглер.

НАСА ќе избере девет истражувачки тимови кои ќе добијат одредено количество камења.