ВО ИРАК ОТКРИЕНИ КАМЕНИ РЕЗБИ СТАРИ 2.700 ГОДИНИ

Ирак, (Би-Би-Си)

Археолозите откопаа прекрасни камени резби во северен Ирак, стари околу 2.700 години. Тие се пронајдени во Мосул од американско-ирачки тим кој работи на обновата на древната порта Машки, што милитантите на Исламска држава ја уништија во 2016 со булдожер.

Ирак е дом на некои од најстарите градови на светот, како Вавилон, но бројни археолошки наоѓалишта беа ограбени и оштетени во повеќегодишниот хаос во земјата.

Осумте мермерни релјефи прикажуваат ситно изделкани воени сцени, винова лоза и палми. Тие датираат од времето на асирскиот крал Сеначериб, кој владеел со древниот град Нинива од 705 до 681 година пред нашата ера, објави ирачката агенција за антиквитети и наследство.

Се верува дека овие релјефи ја краселе неговата палата, пред да бидат преселени на портата. Машки била една од најголемите порти во Нинива и била симбол на големината и моќта на градот.

(Фото: Гети)