ВО ИТАЛИЈА УГИНА НАЈСТАРИОТ БЕЛ НОСОРОГ НА СВЕТОТ

Верона, (АФП)

Тоби, најстариот бел носорог на светот, угина на 54 години во зоолошка градина во северна Италија.

„Ноно Тоби (Дедо Тоби) едноставно колабираше и по половина час, неговото срце запре“, изјави портпаролката на зоолошката градина во близина на Верона, Елиза Ливија Пенакјони.

Тоби ќе биде балсамиран и потоа изложен во научен музеј во Торино, покрај Бланко, белиот лав од истата зоолошка градина, кој угина пред пет години.

Белите носорози вообичаено живеат до 40 години во заробеништво, односно до 30 во дивина. Партнерката на Тоби, Шугар, угина во 2012, со што во паркот остана само 39-годишниот Бенито.

Од петте видови носорози, само јужниот бел носорог не се смета за загрозен. На светот има само уште два примерока на северен бел носорог, што ги чуваат војници во Кенија.