Канадската провинција Британска Колумбија почнува со експеримент во кој ќе биде декриминализирано поседувањето на мали количини на тешки дроги, како хероин и кокаин. Од денеска, возрасните лица ќе смеат да поседуваат до 2,5 грама вакви дроги, како и метамфетамин, фентанил и морфин.
Канадската федерална влада го одобри експериментот, кој ќе трае три години. Пред три години, и американската сојузна држава Орегон ги декриминализираше тешките дроги.
Иако овие супстанци остануваат илегални, возрасните лица кај кои ќе бидат пронајдени најмногу 2,5 грама нема да бидат уапсени и обвинети, а дрогата нема да им биде запленета. Место тоа, ќе им бидат понудени информации за достапните здравствени и социјални служби.
Околу 10.000 луѓе починале од предозирање откако Британска Колумбија во 2016 прогласи вонредна ситуација во јавното здравство поради проблемот со дрогите.
Програмата ќе трае до 31 јануари 2026, освен ако во меѓувреме не биде прекината од владата. Продажбата на дрогите останува незаконска и нема да биде дозволено да се поседуваат во училишта и на аеродроми.
(Фото: Канадијан прес)