ВО МСУ СЕ ОТВОРА МЕЃУНАРОДНАТА ИЗЛОЖБА „СЀ ШТО НИ Е ЗАЕДНИЧКО“

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ ќе се отвори денеска во 13 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Ќе бидат изложени 13 дела во различни медиуми од 11 меѓународни уметници: Францис Алис (Белгија), Марва Арсаниос (САД), Шерон Хејс (САД), Артур Џафа (САД), Хива К (Ирак), Јонас Стаал (Холандија), Ву Цанг (САД), Дардан Жегрова (Косово), како и македонските уметници Кристина Божурска, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) и Игор Тошевски.

Од странските автори, во Скопје ќе дојдат познатиот уметник од Ирак, Хива К, кој ќе присуствува на отворањето на изложбата и уметникот Дардан Жегрова од Косово.

Уметникот Јонас Стаал од Холандија ќе го подари своето дело на Музејот и со тоа, вели МСУ,  ќе ја збогати вредната уметничка колекција.

„’Сè што ни е заедничко’ се однесува на состојби кои сите ги сведочиме и живееме, а се поврзани со ранливоста и егзистенцијалната небезбедност, економски неправди, политички манупулации, лошо регулирање на работнички права, митот за слободата на говорот, теории на заговор кои шират национализам, експлоатација на трудот, современото расно насилство, борбите на квир движењата, последиците врз психата и телесноста од политичкото ‘дисциплинирање’ во различни контексти и ситуации, во Македонија, регионот и во светот“, велат кураторките Гаќина и Попова.